Заев и Рама за Фајненшал Тајмс: Националистичките сили ќе зајакнат на Балканот ако до есенва нема датум за почеток на преговорите

Од:

Националистичките сили ќе зајакнат на Балканот ако Албанија и Северна Македонија до есенва не добијат зелено светло да ги почнат преговорите за приближување со ЕУ. Ова го изјавиле премиерите на двете земји, Еди Рама и Зоран Заев, за „Фајненшл тајмс“ (ФТ) на маргините на форумот во Лондон што британскиот весник го организираше за Западен Балкан.

Како што наведува ФТ, во денеска објавениот текст, премиерите го дале ова предупредување откако европските министри за надворешни работи ја одложија одлуката за отворање на преговорите со двете земји до октомври. Воедно, се додава дека двете земји покренале далекусежни реформи за да ги исполнат стандардите на ЕУ, но поради противењето на Франција и Холандија на вчерашниот состанок, не бил одобрен официјален почеток на преговорите за членство и покрај препораката на Европската комисија.

-Не ни се потребни некој нов радикализам, национализам и популизам во нашата земја. Не е многу важно дали имаме одлука на Европскиот совет во јули или во октомври, но ако е октомври нека биде конечно октомври, бидејќи имаше многу одложувања, изјавил премиерот Заев.

Албанскиот премиер Рама, пак, изјавил дека би можело да биде штетно за ЕУ ако балканскиот регион, кој е опкружен со земји-членки на Унијата не биде во целост интегриран во европскиот блок. Според него, доколку државите-членки кои се скептични кон проширувањето продолжат да ги игнорираат позитивните препораки на ЕК тоа би можело да го дестабилизира регионот, и притоа укажа на назадувањето во демократските процеси во Турција на која и се измолкнува перспективата за членство.

-Не треба да ни се случат нови лоши работи за да сфатиме дека секоја блокада на овој процес го потхранува национализмот, фантазиите и штетните соништа, рекол Рама.

„Фајненшл тајмс“ наведува оти се чини дека Заев има надеж дека Северна Македонија, која е преставена како ретко успешна приказна во регионот минатата година кога го оконча со децении стариот спор со Грција околу името, ќе добие одобрение за почеток на преговорите подоцна оваа година.

Според весникот, постои поголем скептицизам во некои европски земји околу подготвеноста на Албанија формално да ги почне преговорите.

Бртитанскиот весник ја пренесува изјавата на директорот на Центарот за Југоисточни студии на Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер дека октомврискиот рок ќе биде тест за кредибилитетот на Брисел, и дека би било „неодржливо“ за двајцата балкански лидери да останат на власт доколку одлуката повторно се одложи.

-Овде не станува збор само за политиката за проширување, овде станува збор за самата ЕУ. Тоа во основа кажува дека ЕУ е неспособна да донесува одлуки во клучната област од својата политика, изјавил Бибер.

Би можело да ве интересира

Во Албанија уапсен е водач на картел по запленувањето на 703 килограми хероин

Филипче: Александар Димитријевиќ е нов генерален секретар, избравме луѓе кои имаат многу знаење и искуство

Предраг Петровиќ

Славески: Арсовска е на потег, приватните превозници бараат зголемување на цена на услуги преку член во Советот на Град Скопје

Предраг Петровиќ

Приватните превозници во Скопје повторно се исклучија од сообраќај

Последиците од договорите со Грција и Бугарија се евидентни и сѐ уште не им се гледа крајот, вели Попов

Кос: Очекувам Македонија да го промени Уставот и после тоа навистина да го забрзаме процесот

Горан Наумовски