ДУИ продолжува со старата навика, го тероризира инспекторот за образование, обвинија од Алијансата за Албанците по последните случувања на тетовскиот универзитет, од каде што вчера Државниот инспекторат одзеде документација.
„Народната поговорка волкот – влакното го менува, но занаетот не, личи на однесувањето на ДУИ, која го менува својот коалициски партнер, но навиките за притисок врз оние што ги откриваат нивните валкани работи не ги менува. Ова се случува дури и со независниот инспектор за образование Ѓорѓи Илиевски врз кого се прави огромен притисок и терор поради тоа што им ги откри скандалите во ДУТ поврзани со академските звања на високите претставници на ДУИ – министерот за образование Арбер Адеми и заменик-министерот на МВР, Агим Нухиу, кои ги стекнале незаконски“, велат од АА.
ДУИ и министерот Арбер Адеми, додаваат од партијата, секако дека влијаеле и врз Инспекторатот за образование, кој е во надлежност на министерот Адеми бидејќи тој се дистанцира и се огради од обвинувањата на инспекторот за образование Илиевски.
„Крајно време е јавното Обвинителство да се справи со овој скандал и да се добие законска и правна завршница, уште повеќе за да се испита дали навистина е извршен притисок и мобинг врз висок државен инспектор, кој самиот изјави дека лично заменик-министерот на МВР, Агим Нухиу, му се има јавено неколкупати за да не се објавуваат наодите што ги имаат откриено во ДУТ“, велат од Алијансата за Албанците.