На влезот на „Сити галери“ на плоштад Македонија и на дожд се монтира видео-бим за заедничко следење на ракометниот натпревар на „Вардар“ вечерва. Видео – бимот ја покрива фасадата на „Сити галери“, а оние кои ќе решат да го послушаат повикот на Град Скопје за заедничко следење на натпреварот, ќе го користат просторот меѓу „Сити галери“ и „Пелистер“.
Од Град Скопје велат дека нема да го користат централно поставениот екран на плоштадот, кој исто така е на фасадата на „Сити галери“, но гледа кон МЕПСО оти е на приватник кој ја наплатува услугата, а освен тоа подната фонтана на плоштадот се подготвува за прскање па поради тоа се извадени дел од плочките и целиот простор е ограден со железна ограда. Од Градот решиле организацијата на заедничкото следење на ракометниот натпревар да ја препуштат на Младинскиот културен центар кои имаат соодветна опрема за вакви настани.
Русе Арсов, директор на МКЦ, вели дека имале само неколку часа да се организираат за настанот.
„Ја одбравме оваа локација, на влезот на ‘Сити галери’ од безбедносни причини. Ова е настан што го организираме без најава, имавме само неколку часа за подготовка. Синоќа до доцна имавме настан, а веќе денес дел од вработените повторно се ангажирани за видео-бимот. Тој е на компанијата ‘ДВД ПРО’ со која веќе имаме договор за соработка. Можно е да бидат издвоени дополнителни средства за нивното ангажирање и за овој настан, но тоа ќе биде незначителна сума“, изјави за „А1он“ директорот Арсов.
И покрај дождот што почна да врне во Скопје, работниците од „ДВД ПРО“ ја донесоа опремата и почна да го монтираат видео-бимот. Околу „Сити галери“ се паркирани камиони, коли, комбиња со кои беше донесена опремата, а дојде и цистерна на противпожарната бригада која донесе вода со која беа наполнети платформите за видео–бимот.
За оние што ќе решат да дојдат на заедничко следење на натпреварот, МКЦ постави и пет мобилни тоалет кабини пред „Сити галери“.
Вардар вчера се пласираше во финалето на Лигата на шампиони со победата на Барселона. Во финалето игра со Веспрем, а натпреварот, кој ќе се пренесува на видео – бим поставен на некогашната стоковна куќа, почнува во 18 часот.
Маја Илиевска -Пачемска