Од 10 до 30 јуни Државниот завод за статистика во 13 општини ќе спроведе пробен попис, дознава „А1он“. Пробниот попис беше најавен за април годинава, но статистичарите го одложиле поради претседателските избори. Јасмина Ѓоргиева, советник во Државниот завод за статистика за „А1он“ вели дека во тек се последните подготовки за пробниот попис.
„За пробниот попис се избрани општини од сите 8 статистички региони. Пробен попис ќе има во Штип, Радовиш, Валандово, Кисела Вода , Зелениково, Струга, Кичево, Гостивар, Куманово, Кратово, Свети Николе, Прилеп и Долнени. Од понеделникот службеници од Заводот ги известуваат градоначалниците на општините во кои треба да се спроведе пописот. Избрани се 32 пописни кругови во 13 – те општини, круговите се најмалите пописни единица за статистички потреби на најниско територијално ниво, а во еден круг би требало да има по околу стотина домаќинства“, вели Ѓоргиева.
Попишувањето ќе го вршат исклучиво вработени во Државниот за завод за статистика (ДЗС). Според пописните кругови ќе бидат ангажирани 32 вработени како попишувачи и 16 државни инструктори.
„Сите се вработени во Заводот и за пробниот попис нема да се прават дополнителни трошоци. Не ангажираме надворешни лица затоа што сакаме да испробаме колку луѓето ќе се снајдат. Пробниот попис служи како тест на ДЗС за тоа колку е подготвен во смисла организациско-технички, колку е подготвена апликацијата, колку се разбирливи прашањата, колку попишувачите ќе ја совладаат обуката, колку ќе се снајдат на терен, колку прашањата ќе бидат разбирливи за населението, колку време треба за анкетирање на едно лице и слично. Од овој пробен попис нема да произлезат никакви податоци за населението. Тој е за наша интерна употреба, едноставно ние се тестираме да видиме колку сме спремни, каде ни се недостатоците, за да можеме да ги исправиме до следната година до април кога ќе се спроведе главниот попис“, објасни Ѓоргиева.
Прашањата на пробниот попис ќе бидат исти како прашањата кои ќе бидат на главниот попис следната година. Ѓоргиева вели дека во прашалникот се додадени модулите за луѓе со попреченост, има модул за етничка припадност, јазик, вероисповед, миграциони прашања, покрај стандардните образовни и економски прашања.
Во вторникот Владата го усвои предлог текстот на Законот за попис и утврди дека следната година од 1 до 21 април ќе се спроведе главниот попис на населението. Пописот ќе чини 8,5 милиони евра, а попишувањето ќе биде во комбинирана постапка, по електронски пат и со теренско попишување. Државата ќе биде поделена на 45 пописни реони, а во целата операција ќе учествуваат 6.000 попишувачи.
Последниот спроведен попис на населението кај нас беше во 2002 година.
Маја Илиевска-Пачемска