Ѕвездата на Ферари во Формула 1, Себастијан Фетел покажа намера да ги брани квалитетите на својот болид до последно и покрај фактот дека немаше никакви изгледи за победа во ниту еден од првите 6 старта за сезона 2019.
Највисок пласман на 31-годишниот натпреварувач дотука дојде токму во последната трка – Гран При на Монако. Таа сепак дојде по казна за Макс Верстапен (Ред Бул), кој инаку финишираше веднаш зад победникот Луис Хамилтон (Мерцедес). Во моментов Фетел се наоѓа на 55 поени зад лидерот на табелата и ситуацијата за „скудерија“ не изгледа воопшто добро.
– Брзината во правците е навистина добра. Само како целина ни недостасува потисна сила кон асфалтот. Тоа е слабост, за која сме свесни. Не мислам дека болидот е толку лош како што изгледа. Дефинитивно ќе дојдеме до ниво, при кое сме поконкурентни, но се уште сме многу далеку од посакуваната позиција. Тоа е клучната лекција за нас: во краток рок треба да го најдеме вистинскиот баланс за болидот. Со нетрпение ги очекувам следните 3, 4, 5 натпревари, треба да се увериме дека ќе го подобриме возилото, изјави Фетел.