Менаџерот на Дерби, Френк Лампард, изјави дека после изгубениот финален меч за промоција во Премиер Лигата, тој во наредните денови ќе има разговор со сопственикот на клубот за неговата иднина. Легендата на Челзи побрза да каже дека претрпеното разочарување по поразот од Астон Вила со 1:2 не ги зголемило шансите да застане на чело на „сините“.
Името на Лампард во последниве месеци се споменува во врска со преминувањето на „Стемфорд Бриџ“, каде што иднината на Маурицио Сари се уште не е сигурна. Не е познато дали дури и можен триумф во финалето на Лигата на Европа против Арсенал би му помогнал на Италијанецот, ако сопственикот Роман Абрамович одлучил да го смени.
– Не сум заинтересиран за шпекулации. Поразот не ги прави поверојатни. Она што најверојатно ќе се случи е дека јас ќе седнам со Мел Морис, сопственикот, во текот на следните неколку дена кога вревата ќе се намали. Тој беше брилијантен во текот на целата сезона, како и нашите навивачи. Ќе видиме како ќе се развијат работите. Имам договор за 2 години и сакам да работам овде. Ќе видиме, рече 40-годишниот Лампард.