Откажана екскурзијата за шестоодделенци од основото училиште „Димитар Беровски“ во Ѓорче Петров. Утрово тие требало да патуваат од Скопје за Кратово, па потоа Струмица, но поаѓањето било откажано по реакција на родители кои додека ги испраќале своите деца, виделе дека автобусите се во лоша состојба, односно, како што велат, целосно искршени. Директорката Сашка Новковска, вели дека нема причина зошто да даде објаснување за откажувањето на екскурзијата.
„Требаа да појдат во 7 и 30 наутро. Околу 8 и 30 моето дете ме извести дека се качиле во автобусот и тргнале. Малку подоцна, ме побара и ме извести дека екскурзијата се откажува. Прашав зошто, ми рече дека автобусите биле партал“, вели родител чие дете требало да оди на екскурзијата.
Дел од родителите кои ги испраќале децата веднаш реагирале и кажале дека нема да дозволат нивните деца да патуваат со вакви автобуси. Тие ги вратиле децата, а дури по нивната реакција, училиштето ја откажало екскурзијата. Родителите реагираат како може училиштето и одговорните да не видат со каков автобус ќе патуваат децата, а се загрижени оти ако дел од нив не ги испрателе своите деца, тие ќе заминеле со неисправен автобус.
Директорката на основното училиште, Сашка Новковска, не сакаше да даде одговор зошто е окажана екскурзијата. Таа по неколку секунди од телефонскиот разговор, со арогантно однесување, ја спушти слушалката.
„Договорено е се со родителите. Немам причина зошто би ви одговорила“, рече директорката Новковска, запрашана зошто е откажана екскурзијата.
Откако екскурзијата била откажана, одговорните известиле дека причината е технички неисправен автобус. Родителите бараат да им се вратат парите кои ги уплатиле и вонредна родителска средба каде ќе присуствува и директорката. Тие велат дека нема договор меѓу нив и одговорните во училиштето, а се револтирани поради случајот. Од Општина Ѓорче Петров велат дека ќе го следат целиот случај, но и дека ќе проверат дали агенцијата го испочитувала договорот.
„Не можам да ви ги дадам сите детали. Како што сум информирана, пред тргнување, пред училиштето, родителите виделе дека шофершајвната на автобусот не била во ред. Скршена не била, но можеби била пукната. Побарале од агенцијата да направи промена на автобусот, но биле одбиени со образложение дека автобусот е технички исправен.
Родителите направија записник дека поради техничка неисправност на автобусот се договорени дека нема ги пуштат децата на екскурзија. Ќе проверуваме дали агенцијата го испочитувала договорот и ќе ја следиме постапката за изведување екскурзии“, велат од Општина Ѓорче Петров под чија надлежност е училиштето.
До родителите не била доставена ниту целосна агенда за тоа кои места ќе ги посетуваат децата, Директорката пак, не даде објаснување која туристичка агенција ги превезувала.
Кристијан Ландов