Инвеститорот има слаб интерес за изградба на неопходните филтри за работа на Југохром од Јегуновце, а комбинатот може да работи само доколку се изградат филтрите, оцени денеска премиерот Зоран Заев.
-Како Влада дадовме се, а мислам дека дадовме и малку повеќе од тоа што бараа само да се постават филтрите, но инвеститорот има слаб интерес. Ги одобривме парите од Македонска банка за поддршка на инвестициите и дефинитивно треба да се бара нов сопственик за комбинатот. Веќе информирав двајца потенцијални инвеститори, а верувам дека и другите претставници од Владата ќе информираат други за да може да дојде нов сопственик и да ја продолжи севкупната реализација на проектот, рече Заев во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Тој прецизира дека сегашниот сопственик ја почна реализацијата на филтерот и ја постави конструкцијата, но додаде дека најавил дека бара потенцијални инвеститори за продажба на комбинатот, а побарал тоа да го направат и од Владата.
Владата веќе одобрила кредит од 1,5 милиони евра на Југохром за реализација на филтрите, но не им ги доделила парите, бидејќи предуслов за тоа било сопственикот на комбинатот да вложи негови пари за државата да му помогне со средства од кредитот. Дури понудила и паралелно да се даваат пари за изградба на филтерот.
За доизградба на филтерот се неопходни уште три милиони евра.