Грција презеде значајни иницијативи во контекст на напорите за решавање на прашањето за името, како што е нашиот предлог за потпишување на меморандум за разбирање со Скопје, но не видовме одговор од другата страна, изјави грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос по средбата со генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун во Њујорк.
– Се надеваме, и го мислиме тоа, дека во соседната земја наскоро ќе се создадат услови кои ќе доведат до поконструктивен став од страна на властите, рече Аврамопулос.
Канцеларијата на генералниот секретар на ОН по средбата со Аврамопулос издаде кусо соопштение во кое се вели дека двајцата размениле мислења за состојбите во источниот Медитеран и се фокусирале на можностите за обновување на преговорите за изнаоѓање сеопфатно решение во Кипар и за решавање на грчко-македонскиот спор за „името“.
„Генералниот секретар ја истакна важноста од забрзување на напредокот во двата процеси и ја повтори неговата лична посветеност за таа цел“, се вели во соопштението од ОН.