Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска го прими амбасадорот на Република Словенија, Милан Јазбек и амбасадорката на Народна Република Кина, Јин Лисјен.
Амбасадорите во име на претседателите на двете земји, му упатиле искрени честитки на Пендаровски за изборот на функцијата претседател, му посакале успешен мандат и изразиле уверување дека севкупните односи на нивните земји со Република Северна Македонија во иднина дополнително ќе се унапредуваат.
На средбата со амбасадорот на Словенија, Јазбек, соопшти денеска кабинетот на Пендаровски, биле разменети мислења за актуелните политички прашања во регионот, при што било констатирано дека напредокот на земјава во ЕУ и во НАТО позитивно ќе влијае на стабилноста и просперитетот на целиот регион.
Во тој контекст, претседателот Пендаровски изразил очекување дека Република Северна Македонија во најбрзо време ќе стане членка на НАТО и ќе ги отпочне пристапните преговори за членство во ЕУ. Тој се заблагодарил за сета досегашна поддршка од Словенија на планот на евроатлантските интеграции.
– Јакнењето на искреното партнерство со Кина останува трајна определба на нашата надворешна политика, истакнал претседателот Пендаровски на средбата со амбасадорката на Народна Република Кина, Јин Лисјен, стои во соопштението.
Тој изразил поддршка на сите конкретни иницијативи што произлегуваат од процесот на соработка меѓу Кина и земјите на Централноисточна Европа 16+1. Во таа насока, претседателот Пендаровски изразил интерес земјава да биде вклучена и во инфраструктурните проекти кои произлегуваат од „Патот на свилата“, што отвора сериозна перспектива за нови инвестиции и јакнење на економијата на нашата земја.