Вкупно 167 деца меѓу кои 18 бебиња, се идентификувани на неколку пофреквентни крстосници во Скопје во изминатите две недели од страна на шест мобилни тимови. Најчестите активности во кои децата се вклучени, е улична работа, вклучително и продавање на мали предмети, чистење на стакла и питачење. Поголемиот дел од нив се без документи и не се вклучени во образовниот процес.
Ова, како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, се дел од податоците коишто зајакнатите мобилни тимови за постапување со деца на улица на ЦСР Скопје денеска ги презентираа на работен состанок со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс и претставници од Црвен Крст на град Скопје.
– Единствен начин да ги детектираме и да почнеме да ги решаваме проблемите со кои се соочуваат децата на улица е да работиме одблизу со нив и нивните семејства, да им овозможиме континуирана помош и поддршка. Токму затоа, ги јакнеме мобилните тимови на Центарот за социјални работи кои веќе почнаа со мапирањето на најфрекфентните локации каде што има деца коишто питачат. Тие, исто така, ќе им помагаат на полнолетните да најдат работа и ќе ги насочуваат да се вклучат во мерките за доквалификација и прекфалификација кои ги нудиме, изјави министерката Царовска.
Таа потсети на важноста на социјалната реформа што се уште е во собраниска процедура. Со оваа реформа се извлекуваат најранливите од сиромаштија и истата значи за 20 пати поголем опфат на деца во користењето на детскиот и образовниот додаток и намалување на детската сиромаштија, но и овозможување безгрижно детство, ослободено од насилство, експлоатација и злоупотреба и вклучување на децата во образовниот процес.
Претставникот на УНИЦЕФ, Перкс, рече дека првичните наоди од теренските истражувања потврдуваат дека децата на улица често се жртви на повеќе негативни искуства, вклучувајќи физичко и психичко малтретирање и занемарување и оти многу од овие деца го пропуштаат правото на образование, здравје и заштита.
– Како луѓе, тешко е да се воздржиме од тоа да даваме пари или да купуваме производи од децата на улица. Но, треба да бидеме свесни дека ако го сториме тоа, овозможуваме средина што им штети на децата. На децата на улица им е потребна системска поддршка, прво и основно за да се спречи тие воопшто да завршат на улица, истакна Перкс.
Почнувајќи од следната недела, теренските работници ќе ги посетат домовите на децата што ги идентификувале на улиците и ќе почнат да работат со семејствата.
Проширувањето и зајакнувањето на мобилните тимови со стручен кадар е поддржано од УНИЦЕФ, а се спроведува преку ЦСР Скопје во соработка со Црвен Крст на град Скопје.