Започнаа промените на претседателската веб-страница, а сите ифнормации кои досега беа објавени, се отстранети. Првата видлива промена е во натписот „Претседател на Република Северна Македонија“, кој досега го немаше, бидејќи експретседателот на државата Ѓорге Иванов се противеше на новото уставно име, па така, се користеше „Претседател на Република Македонија“.
Измените на сајтот доаѓаат 24 часа откако Стево Пендаровски беше прогласен за претседател и се всели во претседателската вила на Водно. Во наредните денови се очекува да биде променет и натписот пред претседателската резиденција, каде пишува „Претседател на Република Македонија“.
Пред да започнат промените на сајтот и содржините да бидат повлечени, последната објава беше поставена на 7 мај, а поврзана со средбата на Иванов со папата Франциск.
Пендаровски како нов претседател најави дека ќе ги потпише и сите укази за прогласување на закони доставени од Собранието, кои Иванов не ги потпишуваше бидејќи го содржеле ново уставно име.