ВИДЕО: Купувачите на книгата на Груевски разочарани што таа не е за неговото бегство

Од:

Годинешниот Саем на книгата го сврте вниманието кон штандот на издавачката куќа „Ѓурѓа“ каде што е изложена книгата на експремиерот кој избега во Унгарија и доби азил. На насловната страна е ликот на Никола Груевски и насловот – „Поглед во иднината“. Голем дел од љубопитните купувачи, ја одминуваа разочарани бидејќи содржината на книгата не се однесува на бегството на поранешниот македонски премиер туку на економска тема – неговата докторска дисертација.

Печатењето на ова издание не е поддржано од Mинистерството за култура а издавачот Никола Костески ни рече дека договорот за книгата со Груевски го направиле пред неколку месеци. Тој ни изјави дека него како издавач го интересира продажбата, а секако е горд и на содржината на книгата бидејќи докторати кај нас ретко се објавувале.

Продажбата на оваа книга која чини 300 денари сепак оди добро а на штандот на „Ѓурѓа“ меѓу шаренилото од наслови се и книгата на уште еден поранешен премиер Љубчо Георгиевски но и две книги од Адолф Хитлер. Во нивно издаваштво е и книгата „Зборови што го менуваат светот“ – политички цитати од рускиот претседател Владимир Путин.

Заедничко за сите овие книги, освен издавачот е и фактот што на дизајнот на насловната страница може да се види нагласен и впечатлив портрет на сите овие личности. Во случајот со книгата на Груевски, под сомнеж се доведува зошто неговиот лик е на насловната страница кога книгата е со економска, а не со биографска тематика.

Издавачот не сакаше да коментира каква е издавачката политика и дали тие фаворизираат наслови на и за политички лидери поврзани со низа контроверзии во нивното владеење. Сепак годинешниот Саем на книгата има голема и разновидна понуда од стручна литература до најнови преводи на светските бестселери, детска литература и секојдневно се организираат промоции на кои присуствуваат и авторите.

Ана Василевска

Би можело да ве интересира

„Синот на кројачот“ од Јелена Бачиќ Алимпиќ меѓу новите изданија во акцијата „Со книга на плажа“

„Коулун, заградениот град“ од Јана Узунова, книга бр. 250 во едицијата ПРОаЗА на Или-Или

СДСМ: По Груевски, слободен е и Латас – јасен доказ дека Мицкоски управува со Обвинителството

СДСМ: Ослободувањето на Груевски е уште еден доказ за контролираното правосудство

„Со книга на плажа“ во полн ек: „Матица“ ги објави „Ослободи ме“ и „Пронајди ме и Отворената врата“ од Лорелин Пејџ

(ВИДЕО) Кузеска: Нова лага на Мицкоски, знаел за државјанството на Груевски – затоа документите не се праќаат