Папата Франциск во рамки на посетата на Бугарија денеска престојуваше во градот Раковски, што се наоѓа во близина на Пловдив, каде одржа миса во католичката црква Пресвето срце и изврши прво причестување на околу 250 деца од целата земја.
Во обраќањето до првопричестените понтифот нагласи дека причестувањето претставува израз на радост на „христијаните, како ученици на Исус“ и им се заблагодари на децата кои дошле тука од целата „оваа земја на розите, за да учествуваат на овој празник што никогаш нема да го заборават“.
-Нашата лична карта е следна: Бог е нашиот Татко, Исус е нашиот Брат, Црквата е нашето семејство, ние сме браќа, нашиот закон е љубовта. Сакам да ве поттикнам секогаш да се молите со истиот ентузијазам и радост, како што тоа го сторивте денеска. И запомнете: денеска ви е првото причестување, а не последно. Запомнете дека Исус ве чека секогаш. Затоа ви посакувам многу причестувања, порача папата Франциск во обраќањето во црквата Пресвето срце.
По првото причестување на децата, папата имаше средба со припадници на локалната католичка заедница во црквата Свети Архангел Михаил, при што нагласи дека секогаш се радува „кога ќе се сретне со светиот божји народ, со неговите илјадници лица и харизми“.
-Гледајте со очите на верата и љубовта. Пред се би сакал да ви се заблагодарам, зошто ми помогнавте подобро да видам и да ја сфатам причината, поради која оваа земја беше толку сакана и важна за папата Свети Јован Дваесет и трети, изјави папата.
Папата Јован Дваесет и трети, познат како „Добриот папа“, во периодот меѓу двете светски војни бил папски претставник во Бугарија.
Во обраќањето пред верниците во црквата, папата Франциск нагласи дека претпладнево го посети прифатниот центар „Вражедебна“ во Софија, каде се сместени „бегалци и мигранти дојдени од различни страни на светот, за да најдат подобар живот од тој што го напуштиле“.
-Таму ми кажаа дека срцето на центарот е родено од сознанието дека секој човек е божји син, независно од етничката или верската припадност. За да сакаш некого, нема потреба да ја бараш неговата автобиографија. Љубовта се очекува затоа што е бесплатна, порача папата.
Во обраќањето поглаварот на Римокатоличката црква се осврна и на светите браќа Кирил и Методиј, „светите мажи со големи соништа, кои беа убедени дека највистински начин да се говори со Бог е да го правиме тоа на својот сопствен јазик“.
-Тоа им дало храброст да решат да ја преведат Библијата, со цел никој да не биде лишен од Словото што дава живот, нагласи папата, повикувајќи ги прустините да покажат храброст и да ја остават отворена вратата за љубовта.
По престојот во Раковски, папата Франциск попладнево ќе се врати во Софија, каде на плоштадот „Независност“ ќе одржи молитва за мир, на која ќе присуствуваат и претставници на други верски заедници во земјата. Со молитвата завршува официјалниот дел од неговата посета на Бугарија, по што утре ќе отпатува за Скопје.