Вкупната вредност на извозот на стоки од државава во првиот квартал годинава изнесува 1.735.738.000 долари и бележи пораст од 7,7 проценти во однос на истиот период од претходната година, објави денеска Државниот завод за статистика. Вредноста на увeзената стока, првото тримесечие од годинава изнесува 2.256.298.000 долари, што е за 2,8 проценти повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари – март годинава, изнесува 520.560.000 долари. Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – март годинава, изнесува 76,9 проценти.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел).
Во увозот, пак, најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.
Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, во првиот квартал годинава најмногу сме тргувале со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија.