Српските власти денеска наредија некои марки млеко да бидат повлечени од трговската мрежа и покрај претходните уверувања дека се безбедни и не соддржат канцерогени токсини, пренесе Танјуг.
Оваа одлука е донесена по распространетото јавно незадоволство и обвинувања дека здравствените власти со недели ги кријат резултатите од лабораториските проби, што според гласините покажуваат дека повеќето марки млеко продавани во Србија соддржат голем процент афлатоксини.
Првично властите одбија да ја инфомираат јавноста за тоа кои марки млеко биле повлечени од продажба, соопштувајќи дека ги чекаат резултатите од тестовите нарачани во Холандија.
-Ова е навистина безобразлук. Како да дознаеме какво млеко можеме да купуваме, изјави 45-годишната Јелена Матиќ од Белград.
Началникот на ветеринарната инспекција, Сања Челебичанин, попладнево изјави дека властите наредиле повлекување на 50 вида млеко од речиси сите млекопроизводители во земјата.
Министерот за здравство Славица Ѓукиќ-Дејановиќ уверува дека нема причини за паника.
-Јас пијам млеко, изјави таа и ги посоветува граѓаните сами да одлучат дали да пијат млеко или не.
Горан Јешиќ, регионален секретар за земјоделие во Војводина, кој вчера го наруши молкот и ги објави резултатите од тестовите за афлатоксини, денеска инсистираше владата да ја повлече и храната за добитокот, што соддржи отровна мувла, давајќи им инструкции на фармерите како да го неутрализираат присуството на афлатоксини.
Министерот за земјоделие Горан Кнежевиќ вчера ја демонстрираше својата доверба во млекото, испивајќи неколку чаши за време на прес конференцијата.
Јешиќ, меѓутоа, тврди дека повеќето од марките млеко, што се продаваат во Србија, соддржат над дозволените количества афлатоксини.
Хрватска веќе повлече од продажба четири марки млеко со високи соддржини афлатоксини. Траги од афлатоксини беа пронајдени и во некои марки млеко, продавани во Словенија, БиХ и Македонија.