Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски очекува да биде постигнат цензус на вториот круг од претседателските избори на 5 мај.
-Следен претседател на Република Македонија е проф. Гордана Сиљановска Давкова. Очекувам да има цензус на 5 мај, рече Мицкоски на новинарско прашање по присуството на Велигденската литургија во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“.
Запрашан дали ќе преземе одговорност доколку изгуби нивниот кандидат на претседателските избори.
-Се разбира дека секоја една изборна трка е момент кога треба да се испитаат ангажманите и политиките. Но, ние со првиот ктуг покажавме и докажавме дека ВМРО-ДПМНЕ е консолидирана, дека е цврсто на нозе. Победи во 47 општини во Република Македонија, освои 42,5 проценти од гласовите на оние кои одлучија да излезат во првиот круг. Јас не ни помислувам дека има друга опција за РМ и за граѓаните освен опцијата дека Сиљановска Давкова е идниот претседател на РМ.
Се разбира Републичкиот изборен штаб ќе презентира извештај за сработеното, а Централниот комитет е тој кој што понатаму ќе одлучува како и во која насока партијата ќе се движи, рече Мицкоски.
Во врска со законот за јавното обвинителство со кој се решава идниот статсус на СЈО, Мицкоски рече дека работните групи работат, но дека во моментот фокусот е на претседателските избори, по кои очекува решение за законот.
-Знам дека има размена на документи. Се уште е тоа во работна верзија. Фокусирани се, претпоставувам сите сили кон вториот круг на претседателските избори. Се надевам дека веднаш после тоа ќе седнеме и ќе ја завршиме и таа работа. Но и сега, СДСМ има можност нека ги прифати амндманите што опозицијата ги предлага и веднаш да појдеме во Собрание да го изгласаме законот, вели Мицкоски.
Запрашан за најавените чистки во СДСМ, рече, не верува дека нешто од тоа ќе произлезе. Според него, „метлата“ ќе почне веднаш после предвремените парламнети избори, кога актуелната власт, вели, конечно „ќе ја добие заслужената позиција на темната страна на историјата“.
Коментирајќи ја изјавата на Зијадин Села од Алијанса за Албанците, во однос на тоа дали ќе ги повика гласачите на Блерим Река да излезат да гласаат во вториот круг од изборите, кажа дека очекува конечниот став да го каже на Претседателството на партијата закажано за в четврток.
-Неговата изјава е во насока на подобрување на демократијата, во насока на она што е есенција во демократијата, а тоа е граѓаните кои се неприкосновен суверен на своето право да гласаат, дали ќе гласаат или нема да гласаат. Ако гласаат да одлучат како ќе постапат на 5 мај, во вториот круг. Апсолутно, не би се согласил дека тоа е во насока на апстинирање. Напротив, тоа е во насока на подобрување и зајакнување на демократските капацитети во државата, вели Мицкоски.