Најмалку 129 лица загинаа, а над 500 други се ранети при неколку експлозии во три цркви и три хотели на Шри Ланка, соопштија властите во Коломбо.
Според полициски извори, речиси исто времено експлозии одекнале за време на велигденската миса во католичката црква „Свети Ентони“ и во три хотели со пет ѕвезди во главниот град на Шри Ланка, Коломбо.
Покрај овие, експлозии имало и во црквата „Свети Себастијан“ во местото Негомбо, на 30 километри од Коломбо, како и во црква во Батикалоа, на 250 километри источно од главниот град на земјата.
Експлозиите во хотелите „Синамон Гранд“, „Кингбари“ и „Шанги-Ла„ во центарот на Коломбо ги потврдија и две туристички агенции чии гости престојувале во овие објекти.
Засега никој не презеде одговорност за експлозиите.
Како што јави ДПА, властите засега одбиваат експлозиите да ги наречат терористички напад.
Поради експлозиите премиерот на Шри Ланка, Ранил Викремесинге свика итна седница на неговата Влада, а шефот на државата Маитрипала Сирисена соопшти дека армијата и полицијата започнале истрага за откривање на одговорните за инцидентот.
– Се обидуваме да утврдиме дали има заговор зад овие напади, изјави Сирисена, повикувајќи ги жителите на Шри Ланка да останат смирени.
Првиот човек на Католичката црква во Шри Ланка, кардиналот Малколм Ранџит изјави дека засега е нејасно дали за експлозиите е одговорна некоја локална или меѓународна група.
Мнозинството од жителите на Шри Ланка се будисти, но околу седум проценти од населението на островот се католици.
Ова е прв сериозен бомбашки напад во Шри Ланка од завршувањето на 25-годишниот конфликт меѓу властите во Коломбо и сепаратистичката група Ослободителни тигри на тамилскиот Елам (ЛТТЕ) во 2009 година.