Шефовите на изборните штабови на партиите кои застанаа зад претседателските кандидати денеска присуствуваа на средба со Државната изборна комисија од каде порачаа дека очекуваат фер и демократски избори.
Шефот на изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, рече дека нема да ја искористи приликата за политички пораки и посака да се одржат фер и демократски избори на 21 април.
„Граѓаните да ја препознаат вистинската личност за којашто ќе гласаат“, подвлече Јанушев.
Флорин Асани, кој е шеф на штабот на канидатот поддржан од Беса и Алијансата за Албанците, Блерим Река апелираше на масовна излезност.
„Ветивме европска кампања, така и се случи. Немаше инциденти, верувам дека така ќе биде и на 21 април. Апелирам граѓаните масовно да излезат да гласаат за да одбереме претседател на Северна Македонија“, рече Асани.
Александар Кирацовски од изборниот штаб на СДСМ изрази благодарност од ДИК за можноста сите на заедничка маса да испратат порака за кристално чисти избори.
„Ние сме малку повеќе одговорни како владејачко мнозинство, но сите партии имаат одговорнот. Ги повикувам сите да покажеме висока демократска зрелост за граѓаните слободно да ја изразат својата волја. Спроведовме кампања која доликува на европските принципи. Ова не се само избори за претседател туку да покажеме и дека сме достојни за европска интеграција и за идна членка на НАТО-алијансата“, истакна Кирацовски.
Претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски, оцени дека кампањата досега се одвивала во релативно мирна атмосфера.
Галена Николовска-Ризвановиќ