Шефот на Ред Бул, Кристијан Хорнер е на мислење дека Макс Верстапен можел да стартува од вториот ред за ГН на Кина, но не успеа да ја започне навреме последната брза обиколка во квалификациите поради сообраќај.
Две минути пред крајот на финалната фаза од квалификацијата, Холанѓанецот беше зад Мерцедес и Леклер со Ферари. Непосредно пред да може да го започне својот последен круг, тој беше претекнат од Фетел и од двата автомобила на Рено. Макс мораше да намали брзина, за да си направи дистанца, но беше предоцна да го започне својот брз круг. На крајот тој ќе почне петти.
– Малата брканица за позиција пред почетокот на последниот круг ни наштети. Макс беше во добра позиција, но Себастијан го претекна од надворешната страна. Потоа тој заостана, за да се оддалечи од загадениот воздух по него, но двата болида на Рено исто го престигнаа. За жал тој го пропушти моментот да ја започне обиколката. Непријатно е, бидејќи требаше да биде одлична можност да го подобри својот резултат. Сметам дека можеше да сме во вториот ред денес, изјави шефот на „биковите“.
Сепак, Хорнер ја погледна позитивната страна на работите и забележа дека Гасли ја постигнал својата најдобра квалификациска позиција до денес – шеста.
– Добро, солидно претставување за Пјер. Можеше да премине од втората во третата фаза само со едно излегување на патеката. За жал и тој се најде во сообраќајот, па така не доби шанса за втор обид, но пак успеа да стекне доверба, додаде тој.