Во ВИП Арената „Борис Трајковски“ од 8 до 14 мај ќе се одржува 31. Саем на книгата, на кој годинава земја во фокусот е Унгарија, а ќе учествуваат и издавачки куќи од Србија, Косово и Албанија. Покрај понудата на изданија со саемски попусти, планирани се и промоции и средби со автори.
– Подготовките се во завршна фаза. Како и секоја година Министерството за култура како покровител на саемската манифестацијата, очекуваме да овозможи поддршка на издавачите, овозможувајќи соодветни услови за промоција на литературата и издавачката дејност на Саемот на книгата 2019. Саемската манифестација која, пред сè, го слави читањето, ќе се одржува од 8 до 14 мај. Имајќи го во предвид националниот интерес и значење на Саемот на книгата, очекуваме активно учество на Министерството за култура, изјави Сања Кондарко, проект-менаџер на Саемот на книгата.
Организаторите очекуваат голема посетеност како и минатата година кога на оваа манифестација, која лани првпат се одржа во ВИП Арената „Борис Трајковски“, имаше рекордни околу 45.000 посетители.