Во поголемиот дел од времето по враќањето во Формула 1 во 2015 година, Хонда го поминаа на последното место меѓу снабдувачите на мотори. Во 2018-та, Хонда почнаа да се подобруваат со Торо Росо како клиент и по зимската пауза го кренаа уште повеќе нивото, а работите стигнаа дотаму што светскиот шампион Луис Хамилтон изјави дека Јапонците се многу блиску до Мерцедес и Ферари, што се однесува до моќноста.
Ред Бул почнаа да ги фалат Хонда откако склучија договорот со нив за 2019-та, а пилотите на тимот, Макс Верстапен и Пјер Гасли упатија многу пофалби за време на предсезонските подготовки. Во Австралија Хонда стигнаа до својот прв подиум од 2008 година со Макс Верстапен во болидот на Ред Бул, а во Бахреин тројца од четворицата пилоти со мотор Хонда во болидите финишира во зоната на поени.
– Без сомнение болидите на Ред Бул имаат многу поголема моќ оваа година. Мислам дека моторот им е многу поразвиен. Верувам дека се на 10-тина коњски сили од нас и Ферари. Ако се погледне брзината на правците, ќе видите дека се речиси исто толку брзи колку што сме и ние. Ова е одличен почеток за нив и се надевам дека нивната сигурност ќе биде на ниво, за да се вклучат во борбата, прокоментира Луис Хамилтон.