„Зоран Заев продолжува да ја лаже јавноста за Договорот со Грција за промена на името, па, така, и вчера повтори дека договорот со кој се брише се што е македонско повеќе не може да се поништи.
Ја информираме јавноста дека Заев свесно ја замајува јавноста оти Договорот за промена на името е ништовен според домашното и меѓународно право и постои меѓународно правно-призната процедура како може да се поништи.
Според Виенската конвенција за договорно право, за валидноста на еден меѓународен договор, за кој се подразбира слободна согласност без уцени и закани, потребно е да бидат исполнети и два општи услови:
Првиот е да биде склучен од страна на надлежни органи, а Димитров кој го потпиша договорот не може да се смета за овластено лице бидејќи вакви договори не може да склучува Владата, туку претседателот на Републиката. Вториот услов е да постои дозволен предмет на преговарање. Договарања за име и идентитет претставуваат недозволен предмет бидејќи според општото меѓународно право и правото на Обединетите нации секоја држава може да носи име по свој избор оти името на една држава е прашање на внатрешните околности, а не на меѓународното право.
Според тоа, договор со Грција за името е ништовен со што се отвора патот на било која идна власт во државата таквиот договор да биде лишен од правно дејство.
За Единствена Македонија нема дилема. Прва задача на новата легална власт на Единствена Македонија ќе биде поништување на нелегалниот договор за промена на името“, се вели во соопштението на Единствена Македонија.