Бегалецот Никола Груевски во објава на „Фесјбук“, реагира на одолговлекувањето на пресудата на Апелацискиот суд за случајот „Поткуп“, во кој беше обвинет премиерот Зоран Заев. За предметот скопска Апелација речиси една година не ја соопштува одлуката за предметот. Според Груевски, наспроти тоа, за него целата постапка се одвивала исклучително брзо.
„…И апелациските судии и Кацарска во основниот суд претходно брзаа да го решат предметот „Тенк“ за да не ме држат во неизвесност и во исчекување. Тоа е преголема почит, да ки помогнат, од љубов, хуманост и човекољубие… А ова што го развлекуваат за Заев по година, две и повеќе е за да го измачуваат. Да види тој како е година две да не ти го решаваат предметот па дури потоа да те ослободат“, напиша Груевски на „Фејсбук“.
„Интегритет покажуваат. Не го фермаат. Го ослободуваат и чао, кој го прашува, не му се плашат! Сега после избори, или ако сакаат уште малку да го мачат можеби и подоцна, кога ќе му треснат на Заев една ослободителна пресуда на маса овие од апелација, ќе ја засенат и Кацарска… Па изнервиран тој од нив, кога ќе фати да ги унапредува, има лом да биде…“, пишува во објавата на експремиерот.
Од судот за „А1он“ рекоа дека одлуката за „Поткуп“ на која што се жалеше Обвинителството е донесена, но не смеат да ја соопштуваат зашто не била потпишана од сите судии.
Скопскиот Кривичен суд лани во мај донесе ослободителна пресуда за премиерот Зоран Заев во случајот „Поткуп“. Еден и пол месец подоцна Обвинителството испрати жалба на пресудата.
Обвинителката Валентина Бислимовска во завршниот збор направи измена на обвинението и предложи, наместо за примање поткуп, за што беше предвидена казна затвор над пет години, премиерот да биде гонет за обидот да земе поткуп како градоначалник на Струмица. Бислимовска тогаш нагласи дека сведокот Иван Николов Сачевалиев во исказот бил дециден дека не му дал пари на Заев и дека тој како градоначалник не примил подарок. Со преквалификацијата на делото отпаднаа посебните истражни мерки за Заев што ги предложи Обвинителството.
Заев пред судот и медиумите рече дека станува збор за местенка од претходната власт со цел негова политичка дискредитација и објасни дека е среќен што ја докажал неговата невиност пред судот. Во предметот „Поткуп“ Заев беше обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од над 160 илјади евра од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев за продажба на државно градежно земјиште.
Васко Маглешов