И покрај најавите викендот не продолжија разговорите меѓу работните групи на власта и опозицијата за законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши и идниот статсус на Специјалното јавно обвинителство.
Министерката за правда, Рената Дескоска, во врска со 65-те амандмани што ги поднесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ за законот за јавно обвинителство, изјави дека намерата им е да го уништат Специјалното јавно обвинителство и да ги запрат сите постапки.
Таа не е оптимист дека ќе биде постигнат договор со ВМРО-ДПМНЕ.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски вчера на новинарско прашање дали ќе има средба на работните групи во врска со измените во законот за јавно обвинителство изјави дека средбата треба да ја закаже Министерството за правда, односно ресорната министерка Дескоска.
-Колку што знам оставен е период за внатрепартиски консултации по којшто ќе следува нова средба на работните групи, рече Стоилковски.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, одговарајќи на прашања вчера на средбата со новинарите рече дека не е утврден конкретниот датум за формална четврта рунда преговори меѓу политичките партии за законот за јавно обвинителство, но е оптимист дека се уште има простор да се изнајде решение кое би ги задоволило сите страни и да се донесе овој закон со консензус.
-Очекувам да продолжат разговорите за да се постигне консензус по примерот на консензусот што се постигна со Законот за антикорупција и конфликт на интереси. СЈО е едно од трите основни столба на нашиот систем за борба против корупцијата и на нашиот обид за враќање на владеењето на правото, рече Османи.
Добро е, рече, што Владата односно Министерството за правда ги прифатило основните принципи на опозицијата во поглед на овој закон и што опозицијата возвратила со конкретни предлог амандмани, што според него, значи дека се влегува во сериозни разговори за изнаоѓање решение, но нагласи не смее да се задира во автономијата на СЈО и оти треба да продолжи со истрагите произлезени од прислушуваните материјали.
Во однос на изјавите што си ги разменија спикерот Талат Џафери и министерката Дескоска за тоа дали доколку се постигне консензус треба да се свика собраниска седница за донесување на законот за време на изборна кампања, Османи смета дека е несоодветна комуникација меѓу институциите и оти најважно е прво да се најде консензус.
Законот за јавно обвинителство се носи со двотретинско мнозинство и е едн од условите за добивање датум за отворање на преговори со ЕУ.