Не сакаме рудници, сакаме здрава котлина и здрав живот, очекуваме конечно властите да се залагаат за активности што ќе бидат корисни за жителите, не не терајте да ги напуштиме нашите домови, беа дел од пораките на младите од Иловица и Штука што денеска протестираа во Босилово под мотото „Стоп за рудникот на смртта“.
Младите ги поддржаа и активисти за заштита на животната средина од овој регион, а присурни се и жители на Струмица. На премиерот му порачаа, „Зоран ти си од тука, застани го овој ѓаволски рудник“.
Градоначалникот на Босилово, Зоран Зимбаков, за „Макфакс“ изјави дека тој ќе ја поддржи желбата на жителите бидејќи ги застапува интересите на оние кои го гласале.
„Тука сум денес да ги поддржам жителите на мојата општина. За иднината на проектот не решава локалната самоуправа, така што конечната одлука треба да ја донесе Владата“, рече Зимбаков.
Дедо Иљо како што го нарекуваат жителите на Иловица, инаку активен во борбата против рудникот, од протесната говорница порача: „Сите треба да знаат дека ако се затруе водата во Иловица, ќе настрадаме сите, ќе се загади почвата, и засекогаш ќе биде уништена иднината на оваа котлина. Ќе се бориме до крај, особено за браната која треба да се создаде од иловиштето, со еден земјотрес сите ќе завршиме во Егејско море“.
Ова е еден од низата протести во последниве две години на кои се бара да се спречи отворање на рудникот за бакар, и жителите порачуваат концесионерот „Еуромакс рисорсис“ да си замине од тука.
Ана Василевска