Само две семејства побарале од бесплатната психолошка помош по несреќата кај Ласкарци

Од:

По несреќата кај Ласкарци во која загинаа 16 лица, а 35 беа повредени, само две семејства се јавиле да побараат психолошка помош и поддршка која бесплатно ја нуди Комората на психолози. Околу 30 лиценцирани психолози им стојат на располагање на повредените лица во сообраќајната несреќа, на семејствата на загинатите како и на спасувачите.

„Психолошка помош и поддршка досега побараа две семејства, а во координација со Дирекцијата за заштита и спасување, психолошка интервенција во криза – таканаречен дебрифинг беше извршен со спасувачите – пожарникарите од Град Скопје. Психолозите се активираат по потреба, односно секој кој е засегнат од сообраќајната несреќа и чувствува дека има потреба од психолошка помош и поддршка, може слободно да се обрати до Комората на психолози каде што ќе му биде овозможена средба со лиценциран психолог. Психолозите се достапни во Скопје, Тетово и Гостивар. Исто така, Факултетот за психологија при МИТ Универзитет – Скопје, стои на располагање со својот кадар и простории каде засегнатите лица може да се обратат и да добијат професионална помош“, велат од Комората на психолози.

Психолозите предупредуваат дека последиците од несреќа од ваков обем може да бидат сериозни. Поради фактот дека се случува неочекувано и турбулентно го менува животот на личноста, психолозите сметаат дека се налага потреба од итна психолошка интервенција со цел да се спречат последиците како што е посттрауматско стресно нарушување чии симптоми може да се јават и по неколку месеци.

„Најчест симптом на посттрауматскиот стрес е несакано сеќавање на настанот, често пати проследено со екстремна вознемиреност, напнатост, страв, потење и слично. Личноста постепено се изолира, не сака да зборува за настанот, избегнува каква било активност која може дополнително да ја вознемири. Состојбата на телото и умот кај лицата кои страдаат од посттрауматски стрес е еднаква на состојбата која ја доживеале за време на трауматскиот настан. Доколку личноста не се обрати на психолог, психотерапевт, последиците земаат се поголем замав – пречувствителност, агресивност, депресија, изолација од светот, страв да се преземе каква било иницијатива, може да се јави емоционална празнина, а наједноставните дневни активности, на пример одењето до пазар, може да го доживуваат како сложена и напорна работа. Со текот на времето, личноста станува се позависна од блиските луѓе, не може да се справи со состојбата и не е редок случај да посегне по алкохол или наркотици со цел ‘да ја замолчи болката’“, велат од Комората.

Психолозите велат дека посттрауматскиот стрес може да се јави кај една третина од лица кои се соочиле со трауматски настан. Се јавува подеднакво кај мажи, жени и деца.

Основна последица на трауматски настани е акутниот стрес кој предизвикува потреба од вложување силен напор за да се воспостави чувството на контрола кое личноста вообичаено го губи поради несреќата. Последиците, според психолозите, се согледуваат во телесните реакции, емоциите и мисловниот процес. Телесните реакции при акутен стрес може да бидат: главоболки, болки во телото, напнатост на мускулите, тешкотии при заспивање или будење, намален или зголемен апетит, потење, тресење, необјаснив замор и слично. Емоционалните реакции се чувствата дека се губи контрола, гнев, чувства на вина, интензивна тага, раздразливост, повлекување од вообичаената рутина, избегнување на друштво, спонтано плачење, безнадежност, очај… Мисловните реакции може да бидат губење на детали за настанот, проблеми при донесување одлуки, наметнувачки мисли, расеаност и слично. Сите овие реакции се последица од некој многу интензивен настан што личноста го дожувеала неочекувано.

„Сообраќајката во Ласкарци е типичен пример за трауматски настан кој се случил неочекувано, личноста не може да го спречи, а последиците со кои се справува потоа се многу интензивни. Секоја личност користи свои специфични стратегии за справување преку кои, со текот на времето, ќе се справи (или не) со стресниот настан. Сепак, најважно е по трауматските настани, засегнатите лица да добијат соодветна поддршка од професионални лица. Тоа подразбира специфична психолошка интервенција која овозможува личноста да стане свесна за целиот настан, за сопствените мисли, емоции и реакции. Оваа процедура овозможува личноста да се растовари од емоциите, да има јасна слика што навистина се случило, а потоа полека да ја прифаќа промената и/или загубата во својот живот“, велат од Комората на психолози.

Маја Илиевска Пачемска

Би можело да ве интересира

Шеесет и деветгодишна жена е жртвата во синоќешната сообраќајна несреќа во Чаир

Велосипедист е тешко повреден во сообраќајка во Струмица

Горан Наумовски

Жена почина во сообраќајна несреќа во Чаир

Четворица повредени во сообраќајка на патот Куманово – Крива Паланка

Горан Наумовски

Сообраќајка во Куманово, тешко е повреден пешак

38-годишна жена е повредена во сообраќајка во Гостивар