Синот на Абдулфета Алими, кој е осуден на 7 години затвор за настаните од 27 април 2017 година, Бурим Алими, повика на протестен марш кој ќе се одржи утре, а на кој ќе биде побарано ослободување на Алими.
„Ги повикуваме сите кои мислат дека е невин, граѓани, поддржувачи и пријатели без оглед на партиска и етничка припадност утре во 14 часот да излезат на протестен марш кој ќе почне од плоштадот Скендерберг“, рече Бурим Алими.
Тој рече дека на маршот сакаат да испратат порака дека се против политички монтирани случаи. Исто така, учесниците на маршот ќе побараат ослободување на Фета, кој според неговиот син, е неправедно осуден затоа што тој не извршил насилство туку напротив спасувал живот.
Според Бурим Алими, неговиот татко е жртва на политиката.
Алими на крвавиот четврток беше присутен во Собранието како дел од собраниското обезбедување. Според пресудата, тој не презел ништо за да го спречи насилството во законодавниот дом кое се случувало пред него. При изрекување на казната, Судот го зел предвид и фактот што Алими го спасил пратеникот Зијадин Села, и затоа му определил пониска казна. Алими од сите 16 обвинети за крвавиот четврток доби најниска казна.
Габриела Димковиќ-Мишевска