Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (ФЕИТ) од денеска организира Недела на роботика по повод 10 години од организирање на манифестација Робомак и 60 години од постоење на ФЕИТ.
Во рамки на Неделата на роботиката ќе се реализираат низа активности наменети за учениците во основните училишта, за средношколците и за студентите од сите факултети во државата и од странство, а ќе заврши со финалниот натпревар на Робомак што ќе се одржи на 23 март во Домот на АРМ.
Со оваа активност, ФЕИТ сака да ја подигне свеста за роботиката во земјава и да ги заинтересира најмладите да се вклучат во проучување на оваа област, да ги мотивира средношколците да се запишат на техничките факултети и да покаже дека, освен теорија, на Факултетите се работат и практични активности.