На Тони Јакимовски, поранешениот шеф на кабинетот на Сашо Мијалков, судот му одреди 30 дена притвор, а истата мерка му е одредена и на Стево Маџовски, кој исто работел во УБК. За третата, Кристина Јосифовска судијата на претходна постапка се согласил да и се одземе патната исправа и таа ќе мора да се јавува во судот. За Јосифовска е забрането и да врши определени работни активности поврзани со кривичното дело.
Тројцата беа приведени поради сомнение дека како вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање при Министерството за внатрешни работи ја злоупотребиле својата службена положба и овластување и го оштетиле буџетот на Република Македонија за 825 илјади евра.
Тие во 172 наврати подигнале парични средства за кои поднесувале барања и стални признаници за износите што ги подигнувале. На крајот од годината, документацијата за исплата – ‘Главните книги за евиденција’ ги уништувале, без посебно одобрение од директорот на Управата и без записник, притоа не оставајќи примерок од прегледите, извештаите и главната книга за евиденција.
Тони Јакимовски беше приведен попладнево, откако претходно беше на распит за случајот на СЈО „Таргет-Тврдина“.