Лидерот на Хезболах шеик Хасан Насрала денеска изјави дека неговото движење нема потреба од поддршка од своите сојузници во Сирија и Иран за новата битка со Израел, пренесоа британските медиуми.
Изјавата на Насрала во говорот што денеска од непознато место го оддржа по повод Денот на мачениците, е досега најдиректниот одговор на обвиненијата дека израелски авиони ловци на 30 јануари во напад во близина на Дамаск гаѓале конвој со сириско оружје, наменето за Хезболах.
Светските сили стравуваат дека претседателот на Сирија, Башар Асад, ја губи контролата и дека радикалните групи, како Хезболах или сириските бунтовнички групи, може да се здобијат со сириско оружје, вклучувајќи го и хемиското, што ќе го употребат против Израел.
Насрала, кој важаи за близок сојузник на Асад, меѓутоа, вечерва изјави дека Хезболах е подготвен за нова битка со својот јужен сосед Израел, со кој веќе водеше 34-дневна војна во 2006 година.
„Сето она од што имаме потреба за следната битка, се наоѓа во Либан“, подвлече тој.
„Немаме потреба од помош од Сирија или од Иран“.