Актуелниот градоначалник на Струмица, Зоран Заев, не поднесува кандидатура во трката за трет мандат за градоначалник на Струмица. Засега Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ е единствен кандидат.
Интергрален текст од обраќањето на градоначалникот Зоран Заев.
„Јас сум Зоран Заев, актуелниот градоначалник на општина Струмица. Апсолутно сум свесен што сум сработил, а што не во Струмица, апсолутно сум свесен колку позитивно или не сум влијаел врз животот на граѓаните на Струмица, си ги знам своите добри страни и своите слабости, но најмногу од се си го знам мојот народ овде во Струмица. Не само според мене, туку и според сите, па дури и според политичкиот противник јас бев најизвесниот победник во цела Македонија на претстојните локални избори. Горд и среќен сум поради тоа.
Но, денеска во Македонија многу луѓе кои ја имаа мнозинската поддршка од своите сограѓани не се на кандидатски листи за претстојните избори. Тоа не е жално и нефер за таквите кандидати, туку е многу лошо, трагично и со непоправливи штети за опшеството во кое живееме и за цела наша земја.
Сите знаат, ама апсолутно сите во Македонија дека тоа што се случува во нашава земја не е здраво, не е добро, не е во ред. Друго прашање е дали сите признаваат дека актуелниот момент во нашава земја наговестува лоша иднина. Лично сум убеден дека секој граѓанин длабоко во себе, без разлика на национална, верска или политичка определба, знае дека ако вака се продолжи не ни се пишува добра иднина ниту на земјата ниту на народот.
Ако сите длабоко во себе знаеме дека не ни чинат работите, зарем не е во ред да превземе нешто ? Зарем треба да останеме неми и слепи пред тоа што ни се случува ? Дали не чувствуваме внатрешен порив за некакво дејствување ?
Јас сум на чисто со одговорите на овие прашања.
Денес сум исправен пред вас и целосно решен, не само поради Струмица туку и поради цела Македонија да дејствувам, политички да се борам и да успеам во целта – нормализирање на состојбите во земјава.
Јас денес не поднесов кандидатура како што не поденесе и политичката опција на која што и припаѓам. Народот одлучува кој ќе ја води Струмица и народот одлучува кој ќе ги води другите општини во државата. Но народот мора да има алтернативи, опции и избор за својата одлука. Оти без алтернативни понуди и опции запаѓаме во едноумие поголемо од сегашново, тоталитаризам и недемократичност. Јас сакам да живеам во демократска земја, а граѓаните сакаат да живеат во демократски општини и ќе се борам за оваа човекова придобивка наречена демократија.
Единствениот кандидат за градоначалник на Струмица кој што ќе трча на избори овде се надевам дека добро знае дека сам влегува во оваа трка, а втор ќе излезе на крајот, и да победи во што не верувам – сам себеси ќе се победи, а ваквата победа сигурно ќе се согласите е пирова победа. Тоа исто важи и за сите од власта на ниво на Македонија.
Упатувам порака до власта.
Денеска со последниот ден за поднесување на кандидатски листи почнува одбројувањето на последните 35 дена за отрезнување. Од денес па се до 24ти март започнуваат да течат најсрамните денови во поновата македонска историја. Колку побрзо заедно ќе го спречиме одминувањето на овие денови, толку помалку ќе биде срамот за државата. Колку побрзо заедно реагираме, толку поизвесна ќе биде добрата, европска иднина на Македонија. Испраќам силен апел за седнување на маса, за разговор, за дијалог. Никогаш не е доцна за тоа. Одговорноста за иднината е огромна и не може ниту ние од опозицијата, а уште помалку вие од власта да избегате од неа.
Почитувани граѓани,
Се надевам и ве молам за ваше разбирање за мојата одлука и за одлуката на нас од опозицијата за неподнесување кандидатури за претстојните избори. Јас и луѓето околу мене, овде во Струмица, во Скопје и во цела Македонија веруваме во поинаква, во подобра Македонија за која мора да придонесеме сите. Веруваме во дијалог и разговор за проблемите и нивно решавање наместо инаетење. Веруваме во фер шанса за секого. Веруваме во демократска иднина на оваа наша земја. Колку и да ни се различни толкувањата на овие зборови со луѓето од власта, силно сум убеден дека и од спротивната политичка страна има многу луѓе кои веруваат во овие вредности и се подготвени за превземање на одредени чекори за нивно афирмирање и постигање.
Што и да се случува во наредните 35 дена до изборите, какви и да се идните одлуки на поголемите од мене во политиката, а поврзани со актуелната, навидум безизлезна, а според мене глупава состојба во која ни се наоѓа земјата, сакам да соопштам и да се знае дека останувам да живеам овде во мојата Струмица, во мојата Македонија, затоа што немам ниту резервна општина ниту резервна татковина, заедно со многу други што имаат исти или слични ставови како моите. Остануваме да се бориме за подобра Македонија.
Почитувани граѓани и мои поддржувачи,
Немојте да ја губите вербата затоа што стоиме на страната на вистината и добрата намера, а тие секогаш на крајот победуваат.
Драги мои сограѓани, мои верни поддржувачи и досегашни соработници, знам дека кај многумина од вас постои огромно разочарување, но верувајте, место за разочарување нема. Мудриот наш народ не рекол попусто – секое зло за добро. Така и ќе биде“ – изјави градоначалникот на општина Струмица и потпретседател на СДСМ, Зоран Заев.