Уште еден нов ден на мобилизација на „жолтите елеци” кои планираат да се соберат во Париз, истиот ден кога се организира голем собир за климата, јави дописникот на МИА.
Денешнитe демонстрации на „жолтите елеци“, седумнаесетта сабота по ред, може да се покажат како одлучувачки пред закажаните демонстрации за 16 март, кога е предвиден крајот на Големата национална дебата за излез од кризата.
Пред две недели зголемената мобилизација со 46.000 учесници ги охрабри „жолтите елеци”, но една недела подоцна, според бројките на Министерството за внатрешни работи, на демонстрациите излегле само 39.000 „жолти елеци“ низ цела Франција. Сепак, овој пад се чини не ги обесхрабри организаторите на демонстрациите, кои ги повикуваат „сите граѓани на Франција кои сакаат да си ја повратат куповната моќ, даночната правда, социјалната правда“ да демонстрираат целиот викенд во главниот град.
Една од членките на движењето Пресилиа Лудоски го сподели настанот на социјалните мрежи под слоганот „Решавачки чин: Нема да попуштиме!” и повика на нова форма на протест. Таа повика да се кампува викендов во Париз на полињата на Марс, веднаш под Ајфеловата кула.
Демонстрации се планираат и во Лион, Безансон, Стразбур, Лил, Бордо, Монпелје, Авињон, Кампер, Пи-ан-Велеј…
Уште во петокот вечерта, околу 30 демонстранти се обидоа да инсталираат некои структури во близина на Ајфеловата кула, но беа брзо протерани од силите на редот.
По повод крајот на Големата национална дебата, „жолтите елеци” се надеваат на масовна мобилизација. На Фејсбу, е најавен настанот под повикот „Жолти елеци чин 18-ти: Револуција“, веќе брои повеќе од 2.000 заинтересирани.
Од своја страна, Ерик Друе, еден од организаторите, сака овој чин да биде „втор 17 ноември“, првиот викенд на мобилизација на „жолти елекци на кој се собраа 283.000 лица на кружните раскрсници ширум Франција.