Лица со различен вид на попреченост и нивните родители, како и сите други родители со дечиња, денеска ќе можат да присуствуваат на работилница за бесплатна обука за градинарство, што ја спроведува невладината „За среќно детство“, во соработка со ресторан Амбрела, во рамки на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“.
– Со овие обуки, сакаме да ја зголемиме видливоста на лицата со попреченост во локалната заедница односно, сами да ги утврдиме нивните можности за да бидат видливи, велат организаторите.
Ќе се одржат шест бесплатни работилници од отворен тип во рамки на проектот којшто го спроведува Институтот за медиуми и различности од Лондон, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија, а со финансиска поддршка од Европската Унија.
– Идејата на овие бесплатни работилници е да направиме заедничка дружба на родителите и децата, да ги намалиме предрасудите и да покажеме дека лицата со попреченост можат и заедно со сите останати да ги остварат своите права, вели Марјан Петров, социјален работник и сопственик на Амбрела.