Одлуката на Каракас да го протера германскиот амбасадор од Венецуела претставува закана кон Германија, изјави лидерот на венецуелската опозиција Хуан Гуаидо.
– Тој чекор претставува закана кон Германија, оцени за весникот „Шпигел“ самопрогласениот привремен претседател на Венецуела, кого повеќето западни демократии го поддржуваат.
Венецуелското Министерство за надворешни работи вчера објави дека германскиот амбасадор во Венецуела Даниел Мартин Кринер е прогласен за непожелна личност (персона нон грата) и е побарано да ја напушти земјата во рок од 48 часа.
„Венецуела смета дека е неприфатливо странски дипломат во нашата држава да врши јавна улога јасно усогласена со конспиративната агенда на екстремистичките делови во венецуелската опозиција“, се вели во соопштението на Владата на Венецуела.
Кринер, заедно со повеќе од десет амбасадори, беше на меѓународниот аеродром во Каракас во понеделникот, каде што беше поздравен лидерот на опозицијата Хуан Гуаидо.
Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас денеска ја осуди одлуката на Венецуела, оценувајќи дека ова само ја отежнува ситуацијата.
– Се работи за неразбирлива одлука што ја влошува ситуацијата и не придонесува за смирување на тензиите, рече Мас.