Заев легализира во Лагадин, Беџети на Матка, законите само на хартија

Од:

Градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети, најави дека ќе се залага за изнаоѓање начин за легализирање на платформите на Матка безмалку исто како што премиерот Зоран Заев на трибина во Охрид вети дека лично ќе се заложи за легализацијата на дивиот хотел во Лагадин. И платформите и хотелот за архитектите се школски пример за дивоградби изградени, меѓу другото, во заштитени подрачја во кои не постои начин да бидат легализирани во согласност со важечките закони.

Хотелот во Лагадин почна да се гради 2016 година и покрај предупредувањата дека прекршува 12 закони, еден подзаконски акт и не е во согалсност со Уставот, на што постојано укажуваа граѓанските здруженија. Истата година, по барање на граѓаните, на терен излезе Инспекторатот за животна средина, кој утврди дека хотелот е во заштитените 50 метри од езерото во кои не се дозволени градби, а Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам му наложи на тогашниот градоначалник на Охрид, Никола Бакрачески, да го урне. Сопственикот на хотелот двапати се жалеше кај Второстепената комисија, а истовремено и си градеше. Поддршка на граѓаните и барање да се стопира градбата тогаш имаше и СДСМ, но тоа не го спречи премиерот Зоран Заев минатиот месец на сопственикот да му вети дека лично ќе се заложи хотелот да може да се догради.

Сопственикот на хотелот, Никола Толески, на трибината „Силна економија – шанса за сите“ му објасни на премиерот дека фамозниот хотелски комплекс е, всушност, „обично објектче со 8 соби и 9 апартмани“ и рече дека само сакал да го догради за ако може, да ја фати претстојната сезона.

„Чичко Никола за хотелот во Лагадин неколкупати насоки давал и на министерот и го знам проблемот. Ако треба, ќе ја земам под раце Второстепената комисија и ќе дојдат тука и ќе решиме до крај“, му вети премиерот Заев на сопственикот на хотелот.

Од Владата, еден месец по ветувањето на премиерот, најавуваат средба со граѓанските организации.

„За објектот во населбата Лагадин премиерот Зоран Заев во текот на наредните денови ќе одржи средба со претставници на здружението за заштита на интегритетот на селото Лагадин – ‘Стар Лагадин – Скопје’“, изјавија од Владата за „Макфакс“.

За дивите платформи на Матка од Владата потенцираат дека Министерството за транспорт и врски има мандат да ги одземе ингеренциите од инспекторите од Сарај, во чија надлежност е уривањето на бесправните објекти.

„Според член 145 од Законот за градењето, Министерството за транспорт врски има можност да одзема надлежност на овластен градежен инспектор во општината доколку не постапува по конкретен предмет, но само по предлог на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам доколку се утврди неизвршување на работите по конкретниот предмет. Министерството за транспорт и врски во рамките на своите надлежности веќе испрати барање до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам да ја провери фактичката состојба со дивограбите во општина Сарај“, велат од Владата и покрај тоа што Инспекторатот вчера се прогласи за ненадлежен за платформите оти не биле градби од прва категорија.

Од Владата најавуваат дека и Државниот инспекторат за животна средина ќе излезе на терен да направи увид во однос на дивоградбите во кањонот Матка. Ќе направи проверка на нивната техничка документација и усогласеноста на неа со Законот за природата, според кој кањонот Матка е прогласен за заштитено подрачје во категоријата споменик на природата.

Сите платформи изградени на Матка се бесправни градби. Луѓето што работат таму велат дека ниту една не е сосема нова, вклучително и онаа во првиот залив до браната. Таа до минатата сезона била далеку помала и изградена ниско над водата, а за оваа сезона сопственикот решил да ја крене, да ја надгради и да ја прошири.

И покрај тоа што на Матка со години функционираат дивите платформи, Законот за градењето децидно пропишува дека секоја градба, привремен објект или урбана опрема, поставени без одобрение, треба да бидат отстранети, а сопственикот казнет. Одредбите од Законот за градењето и за платформите на Матка и за хотелот во Лагадин остануваат само на хартија, дивоградбите се нечепнати.

Маја Илиевска-Пачемска

Би можело да ве интересира

„Се продава културно заградено место до река“: Жител во дивата населба на Бабуна продава плац кој не може да се легализира

A1on

Левица: Дивоградбите во Гази Баба недопирливи веќе два мандати

(ВИДЕО) Цело село во црвена зона поради еден објект: Жители на Горно Врановци не можат да си ги легализираат куќите повеќе од една деценија

A1on

Спасени туристи од Хонг Конг кои се загубиле на Матка

Општина Велес нема да ги урива дивоградбите на Бабуна, ќе спречува да никнуваат нови

A1on

Македонија испрати лажен извештај во УНЕСКО: Државата сокри дека не е урнат хотелот во Лагадин

A1on