Акционерското градежно претпријатие „Трудбеник“ од Охрид ги обвинува државните и локалните власти дека преку незаконска постапка дозволуваат да се одземе атрактивната локација на брегот на Охридското Езеро.
Како што рече денеска на прес-конференција извршниот директор на АДГ „Трудбеник“ Ацо Спироски, станува збор за плацот каде се уште се наоѓа дирекцијата на фирмата.
-На криминален начин, преку наместено јавно наддавање во предзиборна постапка, без никаква објава е отуѓено земјиштето по цена од некаде 20.000 евра, чија пазарна вредност е проценета некаде до четири милиони евра. Имаме работа со организирана група која сака на незаконит начин да присвои скапа локација, а Општина Охрид на таен начин отвора простор за да не изиграат. Акционерите на „Трудбеник“ кои ги има повеќе од 400 нема да дозволат да им се одземе имот, за да се тераат лични интереси. Се уште Општината има простор да побара спречување на настапувањето на владението, дури не завршат судските процеси што ги води самата општина, за да се спречи намерното нанесување штети, истакна Спироски.
Според него, државата го направила првиот противправен потег со тоа што го дала на продажба земјиштето на кое веќе постојат легално купени објекти, а се имот на АДГ „Трудбеник“, со стекнато корисничко право, а за кои тогаш имало поведено и постапка за приватизација на земјиштето. На реакцијата на „Трудбеник“ ресорното Министерство за транспорт и врски не дало дозвола за склучување договор за купопродажба со „Фибула Ер Травел“, но тоа три години подоцна го направила Општина Охрид откако ги добила ингеренциите да стопанисува со земјиштето. Според Спироски тоа е противправно, Општина Охрид да продава имот во време кога врз тој имот немала никакви надлежности.
– Криминално е склучен договор меѓу раководни лица на Општина Охрид и „Фибула Ер Травел“ и на измислен датум, врз основа на надлежности што во тој момент ги немала. Круцијалниот доказ што ни го даде Министерството за транспорт и врски и Владата кажува дека постапката морала да се води согласно тогашниот Закон за градежно земјиште во 2008 односно 2010 година, но Општината склучила договори во 2012 кога немала ингеренции врз земјиштето, појаснува Спироски, забележувајќи дека уште повеќе се работотело противправно што каква било постапка за продажба на земјиште не може да се изврши без претходно да биде ослободено од какви било терети, какви што е уште се постоечките објекти сопственост на „Трудбеник“.
Но, врз основа на тој купопродажен договор, според Спироски, „Фибула Ер Травел“ обезбедува фалсификат имотен лист, врз чија основа влече лажни сопственички права и добива судски постапки за уривање на објектите, што е закажано за в понеделник, и тоа како што нагласи „зада биде уште поапсурдно, без каков било надоместок, дури и ќе треба да плаќаме трошоци за уривањето“.
Спироски укажува дека правото на сопственост на тоа земјиште го има исклучиво АДГ „Трудбеник“ каде има свои легални објекти, оттаму што има корисничко право. Тој обвини дека преку корупција, со подмитување, се прави обид да се урнат објектите, а потоа врз основа незаконски добиениот имотен лист да станат полноправни сопственици.
За случајот се известени сите надлежни институции, Антикорупциска комисија, „Транспаренси интернешнал“ и неколку амбасади во земјата.
АДГ „Трудбеник“ функционира како акционерско друштво, правен субјект наследник на поранешното градежно претпријатие што постоеше уште во времето пред осамостојувањето на земјава, во поранешната југословенска државна заедница.