Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска ја посети Општина Чашка, кадешто имаше средба со сточарите од регионот. На средбата се дискутираше за актелните состојби во секторот, предлозите на сточарите и мерките од новите програми за финансиска поддршка и рурален развој.
Николовски ги информираше дека МЗШВ, заедно со Јавното претпријатије за пасишта ќе изврши измени во Законот за пасишта со кои ќе се овозможи да се склучуваат повеќегодишни договори за користење на пасиштата.
Во однос на новата програма за рурален развој, Николовски истакна дека за оваа година се предвидени средства за околу 50 фотоволтаични колектори кои ќе бидат распоредени во бачилата кои немаат електрична енергија. Воедно, обезбедена е и поддршка за водопоила за бачилата. Дополнително, во програмата за финансиска поддршка за 2019 година зголемена е поддршката за произведено и предадено овчо млеко на 4,5 денари.
МЗШВ во моментот работи и на нов оглас за доделување земјоделско земјиште за сточарство, кој ќе биде кумулативен по број на грла. Досега, на огласот до 3 хектари вкупно се потпишани 35 договори со вкупна земјоделска површина од 79 хектари, а на огласот над 3 се потпишани 20 договори со вкупна земјоделска површина од 114 хектари.