Пратеникот и лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села се огласи преку социјалната мрежа „фејсбук“ по синоќешната тензична собраниска седница, која претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина и немаше гласање за одземање на имунитетот на поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељановски.
„Разголенa вистина. Вчера Агим, денес Талат. Замислете го човекот кој беше избран за претседател на Собранието на бурен начин, денес „наводно“ под изговор дека нема услови спречија да му се одземе имунитетот на Трајко Вељаноски.
Дали станува збор за еден глас или се крие нешто многу повеќе, вклучително и 27 април (за што Вељаноски има многу да открие) што го принуди шефот на ДУИ да го направи синоќешното сценарио?
П.С: Дали е продолжена рака, или фатен за опашка“, напиша Зијадин Села на „фејсбук“.
Собранието синоќа не му го одзеде имунитетот на експретседател на Собранието, Трајко Вељаноски, осомничен за организирање на насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година. Тензичната собраниска седница на чии дневен ред беше само точката за одземање на пратеничкиот имунитет на Вељаноски, по скоро два часа беше прекината од претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Седницата беше три пати прекинувана со паузи, првиот пат на барање на Елизабета Канческа -Милеска, координатор на групата осум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои ги поддржаа уставните измени. Таа побара пауза бидејќи дури во 19 часот ја добиле информацијата дека вечерва ќе се одржи седница. Втората пауза ја побара координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој ги побара стенограмите од репликите, кои си ги искажаа пратениците Антонијо Милошоски и Павле Богоевски.
Собранискиот спикер вториот пат даде пауза од 15 минути, со оглед на тоа што за барањето за притвор, требаше да се донесе одлука до 24 часот. Третиот пат Мицевски бараше дополнителни 45 минути, по што собранискиот спикер ги повика координаторите на пратеничките групи на состанок.
По состанокот на Мицевски кој бараше процедурално му беше даден збор, и до тој момент истече рокот до кога требаше да му биде одземен имунитетот на Вељаноски.