Претседателката на судечкиот совет кој го води случајот за 27 април, Добрила Кацарска, следното рочиште на кое ќе биде донесена пресуда за обвинетите го закажа за 15-ти март.
Судијката истакна дека предметот е обемен односно дека има голем број на докази меѓу кои и видео снимките кои треба детално да се прегледаат уште еднаш.
Судскиот процес, што започна во август минатата година се водеше против 33 обвинети, но согласно Законот за амнестија помилувани беа вкупно 15 лица.
На обвинителна клупа останаа Митко Чавков, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Митко Пешов, Оливер Поповски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Оливер Радулов, Игор Дурловски, Јане Ченто, Игор Југ, Александар Василевски-Нинџа, Никола Митревски-Кољо, Младен Додевски, Горанче Ангеловски, Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски, кои се товарат дека сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок.
Тие денеска ги дадоа завршните зборови пред Судот, по што се очекува Судечкиот совет да ја соопшти пресудата.
Виктор Јованов