Делегација на месната заедница на селото Ласкарце, предводена од претседателот Самет Мисини, денеска ја посети општина Гостивар за на градоначалникот Арбен Таравари и на граѓаните на Гостивар да им изразат сочувство за загинатите и желби за брзо оздравување на преживеаните од трагедијата од 13 февруари.
„Постојано ги броиме жртвите, но понекогаш забораваме дека таа трагедија ја преживеаја 38 други лица, и сето тоа, пред сè благодарение на придонесот на овие луѓе, кои дојдоа денес тука кај нас да ни изразат сочувство, и благодарение на нивните соселани, кои со сите сили им излегова во пресрет и успеаја да спасат многу животи. Секако, Гостивар им должи на овие луѓе почит и вечна благодарност“, истакна Таравари.
Тој информираше дека утре во 13 часот ќе го посети местото на настанот, при што ќе се сретне и со жителите на ова село херој, ќе им се заблагодари и ќе побара предлози од нив за некој инфраструктурен проект којшто Општина Гостивар, во рамки на можностите, ќе може да го реализира како донација.
„Преку овој проект, би сакал ние како гостиварци да ги зајакнеме односите со жителите на Ласкарце, секогаш да се сеќаваме на овие херои и ова да послужи како пример за хуманост и солидарност“, подвлече градоначалникот Арбен Таравари.
„Не може со зборови да се опише ужасот што го видовме ние кои први истрчавме за да помогнеме. Ние како народ сме хумани луѓе и помагаме во тешки моменти. Како претседател на месната заедница, им се заблагодарувам на моите соселани што толку брзо се мобилизираа и организирани со сите можни средства да помогнат колку што е можно повеќе луѓе да спасат“, истакна претседателот на МЗ Ласкарце, Самет Мисини.
Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, во знак на почит и благодарност, на претседателот на МЗ Ласкарце, Самет Мисини, му додели благодарница.