По завршните зборови на Александар Василевски Нинџа, вчера заврши и последната фаза од судскиот процес за 27 април.
Но, обвинителката Вилма Русковска побара збор, односно реплика на завршните зборови на адвокатите и обвинетите од изминатите две недели.
Откако судијката Добрила Кацарска го дозволи тоа, обвинителката Русковска ги нападна адвокатите дека во недостаток на факти и докази во своите завршни зборови изнесувале невистини и работи што се неповрзани за 27 април.
На вчерашната реплика, збор, односно контра-реплика побараа адвокатите и обвинетите кои беа прозвани од страна на Русковска и поради тоа рочиштето за крвавиот четврток продолжи и денеска.
Адвокатите коментираат дека досега никаде во судската пракса нема случај каде била дозволена реплика на обвинителството по завршување на завршните зборови.
Контра-реплика дадоа обвинетите Митко Чавков, Јане Ченто, Игор Југ и Горан Ангелов Ќосето, како и адвокатите Еленко Миланов, Дончо Наков, Нинослав Јакимовски.
Судијката Кацарска даде кратка пауза поради влошување на здравствената состојба на Горан Ангелов, по што судењето со контра-реплики ќе продолжи.
Виктор Јованов