Згрозена сум и најостро го осудувам вербалниот, а потоа и физичкиот инцидент во КПУ „Затвор – Скопје“, напиша на својот фејсбк-профил министерката за правда, Рената Дескоска.
Таа оцени дека насилството не е и не смее да биде начин на комуникација никаде, ниту во затворите.
Дескоска вели дека побарала целосно информирање од страна на управата на затворот и очекува надлежните институции професионално и одговорно да го расветлат случајот, а потоа да поведат постапки за санкционирање на сторителите на насилството, но и на сите оние што не презеле мерки за спречување вакви ситуации.
Претходно, денеска, во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари дошло до тепачка во која биле вклучени ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски. Јанакиески беше префрлен во болницата „8 Септември“, а потоа вратен во затворот. Директорот на болницата, Христијан Костов, предмалку изјави дека по прегледите, кај Јанакиески не биле евидентирани повреди.
Спиро Ристовски и Миле Јанакиески од синоќа се во 30-дневен притвор бидејќи Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ги осомничи дека се дел од шестемина што ги организирале насилствата во Собранието на 27 април 2017 година.