Стопанската комора на северо-западна Македонија (СКСЗМ) бара патот Скопје-Блаце и споредните патишта, канализацијата и основната инфраструктура во индустриската зона Визбегово да бидат највисок приоритет на Владата заедно со привлекувањето на инвеститори за изградба на нови деловни објекти за сместување на мали и средни претпријатија.
Покрај тоа, СКСЗМ предлага да се овозможи привлекување на компании од различни стопански сегменти за да се намали ризикот, да се креира стратегија за развој на нови мали и средни компании кои ќе соработуваат меѓу себе и ќе бидат добавувачи на големите компании како од самата зона така и од останатите региони од Македонија и да се поттикне претприемништво во специјализирани простории за микро и мали претпријатија од ИТ или Технолошкиот сектор.
-Индустриската зона Визбегово е единствениот позитивен пример кој преживува благодарение на сопствените капацитети, зона која генерира значителна профитна маржа и значајно влијае во намалување на невработеноста во Република Северна Македонија. Воедно оваа зона е гордост за СКСЗМ, и ние како институција ќе останеме до крај на страна на компаниите кои гравитираат во оваа зона, се додека не се решат сите проблеми со кои се соочат овие компании, порача извршниот директор на СКСЗМ Дрилон Исени на деншната прес-конференција на која ја промовира брошурата „Анализа на индустриската зона Визбегово 2001 – 2021“ изработена во соработка со Инсајдер ИД и Таргет Груп.
Тој прецизира дека податоците во брошурата покажуваат дека зоната е високо значајна за економија на државата, како според обртот што го остварува, така и според лицата кои ги вработува, но посочи дека има недостаток на примарна инфраструктура за нормално функционирање. Тоа, како што рече, е поврзување со водоводна и канализациска мрежа, редовно снабдување со електрична енергија, нереновирана патна инфраструктура,… што придонело за пет години да згаснат 139 компании во зоната.
-Индустриската зона Визбегово учествува со околу 3,4 отсто во БДП, а компаниите од оваа зона имаат значајно зголемување на приходот од 2013 до 2017 година од 270,3 на 342,7 милиони евра, со најголем остварен приход во 2016 година од 380,1 милион евра или просечен раст од седум отсто годишно за пет годишен период, или 72 милиони евра, рече Исени и додаде дека зоната во целина има повисок процент на економски раст во однос на целата македонска економија.
Нагласи дека се очекува до 2022 година, вкупниот приход од зоната да изнесува до 431,3 милиони евра.
-Во зоната има 246 активни компании, од кои поголем дел се активни повеќе од 11 години, во кои се вработени повеќе од 2.800 работници, и според трендот на раст и реалните економски предвидувања, во периодот од пет години се очекува раст на овој број до 3.100 вработени или за 11 отсто повеќе од моменталната состојба, потенцира Исени.