Европското тело за борба против корупција, ОЛАФ, потврди за весникот „Нова Европа“ дека Манолис Кефалојанис, е сѐ уште под истрага за измама и нерегуларности во рамки на неговиот сегашен европратенички мандат.
Кефалојанис е европратеник на грчката Нова Демократија во сегашниот состав на Европарламентот и шеф на делегацијата на неговата партија. Веќе неколку месеци е под истрага за нерегуларни исплати и измама. Истрагата е сѐ уште во тек, иако неговата номинација како кандидат на следните европски избори во мај беше неодамна потврдена од Нова Демократија.
-ОЛАФ може да потврди дека ги истражува наводите за измама и нерегуларности кои се однесуваат на употребата на средства за парламентарна асистенција од страна на Кефалојанис, меѓутоа истрагата тече и ОЛАФ нема да дава дополнителни коментари, потврди агенцијата за весникот „Нова Европа“ во Брисел.
Случајот со Манолис Кефалојанис се однесува, меѓу другото, на даночна евазија, според негов поранешен асистент кој го откри скандалот.