Европската Унија и Уругвај ќе испратат техничка мисија во Каракас за да го отворат патот за мирна транзиција и нови избори во Венецуела, најави шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини.
Европската Унија, која тешко изнаоѓа едногласност околу венецуелското прашање, поради противењата, пред сѐ, на грчката и италијанската влада за признавањето на привремениот претседател Хуан Гуаидо, сепак продолжува да се надева дека ќе успее да поддржи демократска транзиција, што треба да доведе до нови претседателски избори, се согласија денеска министрите за надворешни работи на Унијата.
– Намерата е да се помогне за создавање услови за нови, фер и слободни избори и мирен исход, и исклучуваме секаква поддршка за воена ескалација, изјави Федерика Могерини.
ЕУ најмногу е фокусирана во испорачувањето на хуманитарната помош во Венецуела.
– Ја истакнав потребата да се избегне хуманитарната помош да биде искористена за други цели, рече Могерини и потсети дека ЕУ е прва во светот по испорака хуманитарна помош и со тоа има кредибилитет да разговара на оваа тема. ЕУ бара помошта да се достави преку соодветните канали.
Могерини наведе дека жали што на европски пратеници им беше забранет влез во Венецуела за време на викендот од страна на режимот на Николас Мадуро.
Европратеници на кои им беше забранет влез во Венецуела, а се од Европската народна партија (ЕПП), побараа од ЕУ да се повлече од контакт групата за Венецуела поради овој случај.
– Се знаеше дека може влезот да им биде забранет, жалам што не добија дозвола да влезат, ќе беше добро, истакна шефицата на европската дипломатија, но решително отфрли секаква можност за укинување на европската контакт група за Венецуела поради овој случај, со што денеска се согласиле сите земји членки, рече таа.
Таа потсети дека оваа контакт група е формирана токму по барање на Европскиот Парламент, во резолуција изгласана на пленарна седница.