Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, за МИА изјави дека во моментов не се исполнети условите за нова рунда преговори помеѓу Белград и Приштина, сѐ додека не бидат укинат косовските царини за увоз на стоки од Србија.
– Рундите дијалог не се случуваат, јас ги свикувам и нема да свикам нова сѐ додека условите не се исполнети, а тоа е укинувањето на царините за производите од Србија и Босна и Херцеговина во Косово. Очекувам од косовските власти да ги укинат овие царини, изјави Могерини.
Шефицата на европската дипломатија додаде дека во моментот кога ќе се исполнат условите, таа е подготвена „следното утро, следната недела, следниот месец“ да свика нов состанок на високо ниво за нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина.
Приштина кон крајот на 2018 воведе такси во висина од 100 проценти за увозот на српски и босански производи во Косово, со што предизвика замрзнување на редовните рунди дијалог помеѓу српската и косовската страна.
Европската Унија се надева дека завршувањето на преспанскиот процес помеѓу Атина и Скопје ќе создаде позитивна атмосфера и во соседните Србија и Косово.