Деловно технички акцелератор прва активност на научно технолошкиот парк во Скопје

Од:

Со промоција на работата на Деловно техничкиот акцелератор УКИМ во просториите на Инофеит на кампусот технички факултети во Скопје денеска стартуваше реализацијата на проектот Научно технолошки парк. Во иднина тоа треба да биде место кое ќе привлекува бизниси и ќе го помага нивниот развој преку услуги и поддршка и ќе обезбедува помош за развој на претприемништво и комерцијализација.

– Во научно технолошкиот парк се развиваат нови вештини, ќе се раѓаат нови идеи, ќе се креираат важни иновации и изуми, некои млади луѓе тука ќе започнат старт ап бизниси, ќе се трасира патот на нашиот развој и патот кон напредокот и дигиталната револуција, рече премиерот Зоран Заев на промоцијата на која присуствуава и еврокомесарката за дигитална економија Марија Габриел и министрите за информатичко општество на Северна Македонија, Грција и на Црна Гора.

Научно технолошкиот парк стартува во адаптирани простории на Инофеит, а наскоро во дворот на Кампусот ќе биде реновирана една од зградите каде ќе има повеќе истражувачки лаборатории и акцелератори, како место кое ќе ги обедини академската и бизнис заедницата. Истовремено треба да овозможи и задржување на стручниот кадар во државата по завршување на образованието.

Еврокомесарката Габриел истакна дека благодарение на проектите како научно технолошкиот парк се одговара на предизвикот за оформување на дигиталната трансформација на Западен Балкан, за која има максимална поддршка од Европската комисија. – Таа за нас е и предизвик, но и можност во центарот на сите наши политики да ги ставиме интересите на нашите граѓани, рече Габриел, укажувајќи на амбициите на ЕУ за дигитални центри секаде во Европа до 2020 година.

Таа ги охрабри сите непрофитни, научни и истражувачки организации и компаниите да дадат придонес и од проектот научно технолошки парк да направат успешна приказна.

– Верувам дека Северна Македонија и регионот на Западане Балкан навистина има потенцијал да биде успешна приказна за сите нас како Европа. Продолжете да испраќате пораки за нашиот талент да останува тука и дека сме тука за нашите нови бизниси, ве поддржуваме, а пораката за големите компании е дека иамат можност да инвестираат тука, рече Габриел.

Според министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, целта е факултетите да произведат обучена и технички подготвена младина која веднаш ќе го најде своето место во научно технолошкиот парк, односно, како што рече, да останат да работат за достоинствена плата во државава.

– Тука ќе ги имаат сите услови за да креираат нови бизниси и да се вмрежуваат со постоечките компании. Научно техноллошкиот парк треба да стане и еден вид слободна зона којашто ќе ги собере академските граѓани, професорите и бизнисите да се поврзат и да споделуваат идеи, искуства и знаења. Сакаме да создадеме сосема нова атмосфера, клима, средина за иновации и соработка. Овде да врие од млади иновативни и пред се, успешни луѓе, рече Манчевски.

Како што појасни директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) Јован Деспотовски, Деловно – технолошкиот акцелератор УКИМ, кој почнува со работа, е еден од трите столба на Научно технолошкиот парк. За почеток на активностите на акцелераторот потпишан е и договор, а Владата, во соработка со Светската банка ги обезбеди првите 0,5 милиони евра инвестиции.

– Акцелераторот ќе обезбеди програма во две фази: Фазата пред инвестирање и инвестициска фаза, со програми за пред-акцелерација и акцелерација. Во инвестициската фаза се планират почетни инвестиции до 25.000 евра по компанија, и до 75.000 во втората инвестициска фаза за стартапите со потенцијал за брз раст. Според проектираните резултати се очекуваат од 250 – 300 учесници во предакцелераторска програма на секој повик, 25 до 30 тимови во акцелераторската програма и седум до 12 инвестиции во првата фаза, односно две до пет инвестиции во втората фаза, рече Деспотовски.

Втората и третата фаза на Научно технолошкиот парк предвидувааат изградба на нови згради и лаборатории, кои се планира да бидат завршени до 2024 година, односно до 2027 година. За сите три фази на Научно технолошкиот парк, според проценките на експертите, ќе бидат потребни над 80 милиони евра. Тоа, посочи Деспотовски, е амбициозен план, кој лично верува дека може да се реализира. Студијата за изводливост што ја финансираше Делегацијата на ЕУ нуди повеќе модели за финансирање, а Владата очекува натамошна поддршка од меѓународни финансиски институции, како и од Европската Комисија.

Дел од активностите за дигитализација на Западен Балкан е и потпишувањето на договорот помеѓу шесте држави од регионот за намалување на цените во роаминг, што, доколку се надминат политичките разлики помеѓу некои од државите, се очекува да се случи на претстојниот Дигитален самит во Белград. Тоа е и една од темите на денешниот состанок во Скопје на надлежните министри со еврокомесарката Габриел, на кој ќе се разговара и за отворање академија за сајбер безбедност во државава.

– Се надевам дека политичките разлики ќе бидат надминати помеѓу некои земји во регионот за да може новиот договор да биде потпишан во рамки на Дигиталниот самит кој годинава се одржува во Белград. Со потпишувањето на овој договор, очекуваме драстично да се намалат цените на роамингот помеѓу земјите од Западен Балкан, а целта е тој целосно да се укине до 2021 година, рече Заев.

Во таа насока, како што укажа, државите од Западен Балканмора да продолжат да работат на усогласување и измени на законската регулатива.

Би можело да ве интересира

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Град Скопје: Ја поздравуваме одлуката на Владата

Нафта од државните резерви за Градот Скопје за решавање на проблемот со автобусите

Вонредна седница на Владата за проблемот со јавниот превоз во Скопје

Левица: Трошокот за унгарски кредит Владата го префрла врз грбот на гараѓаните

Катерина Ѓуровски

Меџити: Нема логика за предвремени избори кога има стабилна влада