Српскиот и косовскиот претседател, Александар Вучиќ и Хашим Тачи, во присуство на еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан и претседавачот со Минхенската конференција за безбедност Волфганг Ишингер, на денешната панел дискусија „Безбедноста во Југоисточна Европа: два чекора напред, еден чекор назад“ влегоа во „жестока дебата“, а повод за тоа беше договорот меѓу Република Северна Македонија и Грција.
Ишингер на отворањето на панел дискусијата ги праша двајцата претседатели „што ги спречува Србија и Косово да постигнат договор, како што тоа го направија лидерите на Грција и на Република Северна Македонија, Алексис Ципрас и Зоран Заев, да ја прослават приказната за успехот и зошто е толку тешко да се дојде до договор?“
Претседателот на Србија имаше можност прв да одоговори на прашањето, започнувајќи жестока дебата со Тачи, која го отсликува српско-косовскиот дијалог.
– Прво. Прашањето за Косово и Србија е многу посложено отколку што е тоа случај со Република Северна Македонија и Грција. Зборуваме за територијата. За сите различни прашања што треба да се решат. Нема војна и ова е многу важно за безбедноста и стабилноста. Ова не е нешто што треба да се земе здраво за готово. Кога зборуваме за дијалогот, сега сме во пат позиција. Србија се труди да постигне компромис. Ги видовте сите документи кои ги решивме. Ние не направивме ништо за да ја загрозиме Приштина. Ги исполнивме сите 15 точки. Тие имаа само една обврска кон нас – Заедницата на српски општини. Но, ништо не направија. Нула. Не сакаа да нѐ слушаат, но утнаа. Тие воведоа нецивилизирани такси против Србија. И покрај меѓународниот притисок, не направија ништо. Тврдоглав пркос. Велат дека тоа ќе го сторат само откако ќе ја признаеме независноста на Косово. Србија не направи ништо против нив. Тие ја усвоија платформата во кој се вели дека Косово треба да го заштити својот територијален интерес, а Србија треба да формира нов суд за Србите. Моето прашање за нив е: Имате ли допир со реалноста? Тие чекаат ние да загубиме сè. Дали мислите дека навистина тоа може да се случи?, објасни Вучиќ.
Веднаш по него на панелот се обрати и Хашим Тачи.
– Односот меѓу Србија и Косово е многу потежок отколку на Грција и Македонија. Денеска планирам да се фокусирам на иднината меѓу Белград и Приштина. Сега сме во состојба на замрзнат конфликт. Треба да најдеме решение кое трајно ќе воспостави мир во Косово. Претседателот Вучиќ спомена некои други работи. Во Бриселскиот договор се наведува дека Србија нема да биде против приемот на Косово во други меѓународни организации. Затоа воведовме такси. Имаме стотици причини да го запреме дијалогот. Ќе работиме напорно и сакаме да видиме флексибилност и креативност од страна на Белград. Се надевам дека ќе дојдеме до конечниот договор. Косово презеде одговорност за сите. Илјадници албански цивили беа убиени во Косово. Милошевиќ беше во Хаг. Никој не е казнет за тоа. Луѓето од Косово се најголеми жртви, истакна Тачи.
Српскиот претседател на ова побара реплика.
– Тој вели дека обврска на Србија е да не биде против влезот на Косово во меѓународната заедница. Сепак, каде тоа го пишува во Бриселскиот договор. Беше предложено, но не го прифатив. Еве, дајте му на Тачи да пронајде каде пишува во Бриселскиот договор дека Белград не треба да биде против членство, давајќи му го на Тачи текстот од договорот.
– Ајде, најди каде е тоа напишано? А, не сакаш? Па се разбира, кога не пишува никаде, рече Вучиќ.
На ова Тачи одговори дека е „лесно е да се направи драма и да се глуми жртва“.
– Вучиќ сé уште не сфаќа дека јас сум претседател на суверена држава. Непријателствата се длабоки, но се надевам дека ќе успееме. Сакаме да постигнеме признавање за Косово и да влеземе во Обединетите нации. Сакаме Белград да ја признае независноста на Косово. И знам дека тоа нема да биде подарок од Белград до Приштина. За возврат ќе мора да направиме нешто. Дури и Русија може да прифати договор меѓу Белград и Приштина, нагласи косовскиот претседател.
Еврокомесарот Хан на оваа „размена на аргументи“ само констатираше дека „се што вие работите, не е заради тоа ние да бидеме задоволни, туку е во интерес на вашите граѓани“.