Жените и девојчињата и понатаму страдаат од високо ниво на сексуално насилство поврзано со конфликтот во Јужен Судан, иако завојуваните страни потпишаа мировен договор, се наведува во денешниот извештај на Канцеларијата на ОН за човекови права и мисијата на ОН во Јужен Судан (УНИМСС).
Најмалку 134 жени и девојчиња биле силувани, а 41 претрпеле други форми на сексуално и физичко насилство во северниот регион во периодот меѓу септември и декември минатата година. Некои жртви биле на возраст од 8 години, додека други биле бремени жени или доилки, се вели во извештајот, пренесува ДПА.
ОН проценува дека вистинското ниво на сексуално насилство „е значително повисоко од бројот на регистрирани случаи”.
Иако нападите врз цивили значително се намалија откако беше потпишан мировен договор на 12 септември, сексуалното насилство поврзано со конфликт продолжи во контекст на „реовладувачко неказнување, што придонесе за нормализирање на насилството врз жените и девојките”, се вели во извештајот.
Речиси 90 проценти од интервјуираните жени и девојки биле силувани од повеќе од еден сторител, често во текот на неколку часа, а многу од нив биле и брутално претепани од страна на сторителите, посочува ОН. Во еден инцидент, на 17 декември, пет жени биле силувани од банди во селото Ланг во округот Кох, од кои четири биле бремени.
Со оглед на уништувањето на изворите за нормално живеење, присилното раселување и несигурноста при обезбедување храна по неколкугодишна граѓанска војна, многу жени и девојки во Јужен Судан мора да патуваат на долги растојанија преку области со висок ризик во потрага по храна, вода и огревно дрво, што ги прави ранливи на сексуално насилство, се потенцира во извештајот.